Кеси за ѓубре полни со искористени медицински ракавици, од кои некои биле видно валкани, а некои дури и со крвави дамки, го прекривале подот на магацин на периферијата на Бангкок, главниот град на Тајланд.

Во близина имало пластичен сад со сина боја и пар ракавици. Тајландските власти велат дека мигрантски работници се обидувале да направат ракавиците повторно да изгледаат како нови, кога здравствените власти на таа земја упаднале на локацијата во декември минатата година, пишува Си-ен-ен.

Се додава дека има уште многу други магацини како овој, кои сè уште работат во Тајланд – во обид да одговорат на побарувачката за медицински заштитни ракавици, која едноставно експлодира за време на пандемијата. И тие пакуваат милиони од овие искористени ракавици за извоз во САД и земји ширум светот, за да ги намалат последиците од недостигот на овој медицински материјал.
Tens of millions of filthy, used medical gloves have been imported into the United States during the coronavirus pandemic, CNN investigation finds https://t.co/2dFALFXcgm
— CNN (@CNN) October 24, 2021
Експертот Даглас Стајн за Си-ен-ен процени дека нитрилните ракавици во моментов се „една од најопасните работи на Земјата“.
„Ни доаѓаат ужасно многу лоши производи, тоа е бескрајна серија валкани, користени ракавици под секој стандард, кои влегуваат во Соединетите Држави, што, се чини, федералните власти дури сега почнуваат да го согледуваат“.
Сепак, и покрај потенцијалниот ризик за медицинските работници и пациентите од првата линија, Си-ен-ен пишува дека американските власти се бореле да се справат со недозволената трговија, делумно затоа што прописите за увоз на заштитна медицинска опрема биле привремено суспендирани во екот на пандемијата, а суспендирани се и денес.
Во февруари и март оваа година, една американска компанија предупредила две федерални агенции (Царина и Администрација за храна и лекови – ФДА) дека добила испорака полна со ракавици под стандард и видно валкани, од компанија од Тајланд.
И покрај тоа, таа тајландска компанија успеала да достави десетици тони ракавици во САД во наредните месеци, а некои од нив пристигнале дури и во јули.
Од ФДА изјавија за Си-ен-ен дека не можат да коментираат за поединечни случаи, додавајќи дека презеле „многубројни чекори да ја најдат и спречат продажбата на овие неодобрени производи, испитувајќи ги медицинските производи и на граница и на домашниот пазар“.






