„Заканата е реална. Акутно е“, кажа Џејк Саливен, советникот за национална безбедност.
Ни Саливен ни други американски воени или разузнавачки службеници не дадоа деталите за заканата од Исламска држава. Но, сегашни и поранешни функционери тврдат дека заканите се движат од ракетен напад врз транспортен авион за време на слетување или полетување до камион наполнет со експлозив или бомбаш самоубиец инфилтриран во толпата пред аеродромот.
Бајден во петокот кажа дека американски воени и противтерористички служби внимателно ги следат заканите од ИСИС, напоменувајќи дека во Кабул и на други локации се ослободени илјадници затвореници. Иако е малку веројатно дека талибанците свесно ослободиле милитанти на ИСИС, поради хаосот во Авганистан се пуштени голем број заробеници, меѓу нив и непријатели на талибанците.
„ИСИС чекаше ваква прилика, во која нивни борци можат да го искористат хаосот на теренот за да добијат шанса да ги нападнат американските војници“, кажа аналитичарот Колин П. Кларк, а пренесува Њујорк тајмс.
Во изминатата недела американски функционери предупредуваа на заканите на аеродромот за време на евакуацијата на цивилите од Кабул.
Напад врз аеродромот, според сегашните и поранешните функционери, би бил стратегиски удар и против САД и против талибанците. Американската војска воспоставува алтернативни рути до аеродромот во Кабул за Американците, авганистанските сојузници и граѓаните од други западни поради заканата од ИСИС.
Во четвртокот вечерта, на пример, хеликоптери ЦХ-47 „чинук“ собраа 169 Американци кај еден хотел и ги префрлија на безбедно, наместо да пешачат 200 метри до влезот во аеродромот.
Смртоносен напад врз американските и авганистанските цивили би бил катастрофа не само за Соединетите Држави туку и за талибанците, кои се обидуваат да ја зацврстат контролата врз Кабул. Талибанците и Исламска држава се непријатели кои меѓусебно се борат за контрола врз делови од земјата.
Западни аналитичари сметаат дека ИСИС, во случај на напад за време на евакуација, би ја подобриле својата репутација и би го забрзале регрутирањето нови членови. Според извештајот на Обединетите нации од јуни, „Исламска држава поради губењето територии ја намали способноста за регрутирање членови и генерирање нови средства“.
Иако се верува дека подружницата на ИСИС има 1.500 до 2.200 милитанти во провинциите Кунар и Нангархар, таа е присилена да се децентрализира и се состои пред сè од мали групи расфрлани низ земјата.
Извештајот наведува дека подружницата на ИСИС има нов лидер, Шахаб ал Мухаџир, и е понатаму „активна и опасна“ и се обидува да ги пополни своите редови со незадоволните талибански борци и други милитанти.






