„Руските власти оваа година систематски ги апсеа новинарите што известуваа за собирите организирани во знак на поддршка на противникот на Кремљ Алексеј Навални и брутално постапуваа со нив“, се наведува во заедничкото соопштение на 18 земји, меѓу кои се САД, Германија, Канада, Франција и Велика Британија.
Овие земји во соопштението наречено Коалиција за слобода на медиумите наведуваат неколку примери, меѓу кои е одлуката на руските власти да ја протераат новинарката на британското радио Би-би-си, како и ставањето на неколку новинари во списокот на „странски агенти“.
Овој список, како што се оценува во соопштението, има цел да им го спречи на Русите пристапот до информациите од независните извори.
„Ја повикуваме руската влада да го прекине задушувањето на независните гласови, да ги запре постапките против новинарите и медиумите во чисто политички цели и да ги ослободи сите тие што се неправедно притворени“, се наведува во соопштението.






