сабота, 2 мај 2026

Руска филмска екипа пристигна на Меѓународната вселенска станица, ќе снима филм (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Руската актерка Јулија Пересилд и режисерот Клим Шипенко вчера полетаа од космодромот Бајконур во Казахстан. Од преносот во живо на руската вселенска агенција Роскосмос и руската државна телевизија се гледа како ракетата Сојуз се издига во чистото небо.

„Сè оди нормално”, извести центарот за контрола на летови. По повеќе од три минути, ракетата стигна до орбитата на Земјата. Ракетата Сојуз МС-19 со филмската екипа и космонаутот Антон Шкаплеров експресно стигна до ИСС за 3 часа и 37 минути од лансирањето.

„Тогаш капакот се отвори и тројца руски членови на екипажот влегоа во станицата, со што бројот на жители се зголеми на десет”, објави ИСС на Твитер. Снимањето треба да започне веднаш по пристигнувањето, најави Пересилд пред лансирањето на ракетата. Според Роскосмос, за снимањето се планирани 12 дена.

Филмот има привремен наслов Предизвик и ќе раскаже приказна за докторка, играна од Пересилд, која треба да лета до ИСС за да го спаси животот на космонаутот кој се разболел. Според Русија, тоа ќе биде прв игран филм снимен во вселената, а не во студија на Земјата. Соединетите Држави исто така планираат да снимат филм таму, но датумот сè уште не е одреден.

Рускиот филмски проект е исто така и документарен филм за вселенската индустрија и професијата космонаут. Пересилд и Шипенко треба да се вратат на Земјата со космонаутот Олег Новицки на 16 октомври, објави американската вселенска агенција НАСА, додека Шкаплеров ќе остане на станицата до март следната година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ