„Нема повеќе да даваме нови термини за доселенички визи за руските државјани во Москва“, кажа портпарол на Стејт департментот за Франс прес, додавајќи дека тоа сега ќе го преземе американската амбасада во Варшава.
На интернет страницата на Стејт департментот Русија е додадена на списокот на земји во САД немаат конзуларно претставништво или чија политичка или безбедносна ситуација е доволно несигурна или неизвесна што ограничениот конзуларен персонал не смее да ги разгледува барањата за виза. Меѓу десетината земји на тој список се држави во војна или непријатели на Вашингтон како Куба, Иран, Венецуела и Сирија.
Според американската дипломатија, одлуката на руската влада да им забрани на Соединетите Држави вработување руски персонал или лица од трети земји на локално ниво сериозно влијае врз нивниот капацитет за пружање конзуларни услуги.
„Исклучително ограничениот број на конзуларниот персонал во Русија во моментов не ни дозволува да гарантираме рутински услуги како издавање визи или помош на американските граѓани“, кажа портпаролот.
Американската амбасада во Москва ќе продолжи да издава само дипломатски или службени визи. До ваквиот развој на настаните дојде поради нерешените тензии меѓу САД и Русија и бркањето на дипломати од двете страни. На овој потег на САД реагираше портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.
„Американските дипломати веќе долго го уништуваат системот на конзуларни услуги во Русија, го претвораат во пекол нешто што би требало да биде рутинска, техничка процедура“, кажа Захарова.






