Зборувајќи за ТВ каналот Звезда, високиот дипломат Николај Корчунов откри дека Русија предложила проект за биосигурност до Арктичкиот совет, меѓувладин форум составен од осум земји што имаат суверенитет над земјиштето во Арктичкиот круг.
Корчунов претседава со Комитетот на високи функционери на Арктичкиот совет.
„Постои ризик од будење на стари вируси и бактерии“, рече Корчунов.
„Поради ова, Русија иницираше проект за ‘биосигурност’ во рамките на Арктичкиот совет“, продолжи тој, истакнувајќи дека ќе има задача да го разработи целиот опсег на „ризици и опасности“ поврзани со „деградацијата на вечниот мраз“ и „идни заразни болести“.
Корчунов не е првиот што го истакнува овој потенцијално катастрофален несакан ефект од климатските промени. Годинава и рускиот научник Сергеј Давидов предупреди дека топењето на вечниот мраз може да изнесе на површината делови од древните екосистеми, вклучително и вируси. Давидов предупреди дека голем дел од територијата на Русија е вечен мраз што не се стопил со милиони години, а во него може да има антички вируси, од кои некои би можеле да бидат крајно опасни.
И рускиот претседател Владимир Путин неколку пати предупреди на опасностите од глобалното затоплување врз екосистемите и животната средина на земјата, вклучувајќи го и топењето на вечниот мраз, вели РТ. Говорејќи во дебатниот клуб Валдаи во 2020 година, Путин истакна дека 65 отсто од територијата на земјата се составени од вечен мраз, а секоја еколошка промена ќе има огромни последици за руската инфраструктура и може да има огромен удар врз нејзината економија.
„Тоа влијае на гасоводните системи, на населените области изградени врз вечен мраз и така натаму“, објасни Путин. „Ако до 2100 година се стопат дури 25% од блиските површински слоеви на вечниот мраз, што е околу три или четири метри, ќе го почувствуваме ефектот многу силно“.






