Путин рече дека вчера во видеоразговорот со американскиот претседател Џозеф Бајден допрел безбедносни прашања.
„Тоа е тема за друг разговор. Се договоривме да ја продолжиме оваа дискусија и дека тоа ќе го направиме на смислен начин, ќе ги размениме нашите размислувања за тоа во иднина“, рече Путин на прес-конференција, пренесува ТАСС.
Тој прецизираше дека Русија во рок од неколку дена ќе ги подготви своите предлози, а за една недела ќе ги достави на разгледување до американската страна.
„Се договоривме дека ќе се формира соодветно тело што професионално ќе се занимава со ова“, рече рускиот претседател.
Претходно денеска Путин оцени дека проширувањето на НАТО на исток, кое ја вклучува Украина во Алијансата, е многу чувствително прашање за руската безбедност.
Рускиот и американскиот претседател во вторникот одржаа видеосредба, која траеше повеќе од два часа, на која разговараа за Украина и други спорови во американско-руските односи.






