Заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави за агенцијата РИА Новости дека Москва ќе мора да го повлече тој потег ако НАТО не соработува на смирување на тензиите.
Неговата изјава дополнително ќе ги зголеми влоговите во спорот меѓу Истокот и Западот во кој Русија бара сигурни гаранции, а САД и нивните сателити ја предупредуваат Москва да не ја напаѓа Украина, обвинувања кои Русија ги отфрла како неосновани.
Нуклеарните ракети од среден дострел (ИНФ) се забранети во Европа уште од договорот од 1987 меѓу советскиот лидер Михаил Горбачов и американскиот претседател Роналд Реган. Вашингтон се повлече од договорот во 2019, обвинувајќи ја Русија дека го крши без да даде докази.
Рјабков кажа дека постојат „индиректни индиции“ дека НАТО планира да распореди ИНФ, откако минатиот викенд ја обнови 56-тата артилериска команда, која за време на Студената војна управуваше со ракетите „першинг“ кои можеа да носат нуклеарни боеви глави.
„Ако нема напредок кон политичко и дипломатско решение на овој проблем, нашиот одговор ќе биде од воена и воено-техничка природа“, предупреди Рјабков.
НАТО тврди дека во Европа нема да има нови американски ракети и дека руските ракети може да се пресретнат со „одмерен“ одговор кој вклучува само конвенционално оружје. Но, Рјабков истакна дека Русија „воопшто не му верува“ на НАТО.






