Четвртото по ред национално серолошко тестирање, со кое се анализира присуството на антитела на коронавирус во крвта, е спроведен во Индија и за прв пат вклучувало деца, 8691 од нив, на возраст од 6 до 17 години. Половина од нив биле позитивни на антитела.
Исто така, 67,6 проценти од возрасните биле позитивни на антитела против коронавирус. Повеќе од 62 проценти од возрасните не биле вакцинирани. Од почетокот на јули, нешто повеќе од осум проценти од возрасните во Индија примиле две дози вакцина.
Околу 400 милиони жители на Индија, од вкупно 1.4 милијарди, немаат антитела на коронавирус, покажа истражувањето.
Бројот на дневни случаи на зараза падна на најниско ниво во период од четири месеци, по вториот бран што го парализираше здравствениот систем на земјата. Но, експертите ги предупредија властите да не ги отвараат градовите пребрзо и изразија загриженост за големиот број туристи што ги посетуваат тамошните познати дестинации.
„Вториот бран сè уште трае. Опасноста од ново масовно ширење на инфекцијата е сè уште високо присутна“, рече највисокиот владин советник, Винод Кумар Пол, на прес-конференција.
„Секоја трета личност, без разлика каде се наоѓа… сè уште е изложена, пандемијата сè уште не е готова“, предупреди Кумар Пол.
Во истражувањето се тестирани 7.252 здравствени работници – од кои 85 проценти имале антитела на коронавирус. На секои 10 здравствени работници, само еден не е вакциниран.
Според студијата спроведена минатиот месец, во Мумбаи, најмалку половина од лицата на возраст под 18 години биле во контакт со вирусот и развиле антитела.
Некои експерти предупредуваат дека трет бран може да ги погоди децата, па Мумбаи им се придружи на уште неколку градови во градењето на големи педијатриски одделенија, за здравствениот систем да биде подготвен во случај на такво сценарио.






