Путин кажа дека е ревакциниран шест месеци по првата доза од вакцината Спутник V бидејќи му опаднало нивото на антитела. Додаде дека третата доза ја примил како инјекција, по што следниот ден му бил впрскан спреј во носот.
„И тоа е сè – не почувствував ништо. Ништо. Денес, по тие две процедури, веќе утринава вежбав“, кажа рускиот лидер.
Кирил Димитриев, шефот на рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој инвестираше во руската вакцина и ја пласира во странство, кажа дека Русија следната година ќе го продава назалниот тип во други држави, пренесува Ројтерс.
Државите низ светот спроведуваат истражувања за да произведат носен спреј како помош во лекувањето на ковид-19 особено имајќи предвид дека слузницата на носот е клучната точка за влегување на вирусот.
РДИФ и Институтот Гамалеја, кој ја произведе вакцината, соопштија дека тестирањата во Сан Марино со 18.600 учесници, покажале дека Спутник V е 80 отсто ефикасен шест до осум месеци по вакцинацијата.
Русија во краток рок ја произведе Спутник V минатата година, но за неодамнешниот скок на бројот на заразени Кремљ го обвини распространетото колебање на јавноста да се имунизира. Октомври беше најсмртоносниот месец на пандемијата до сега во Русија.
Многу граѓани се колебаат да се вакцинираат и немаат доверба во официјалните уверувања за безбедноста на вакцината . Ројтерс истакнува дека Путин се обидува да го оспори тој став со изјавите за сопственото искуство со вакцината.
Вицепремиерката Татјана Голикова најави дека министерството за здравство денес ќе регистрира нова вакцина Спутник М за деца од 12 до 17 години. Се очекува таа да биде достапна кон крајот на декември.






