Од кабинетот на Земан немаше многу информации за неговото здравје, откако беше примен на интензивна нега на 10 октомври, ден по парламентарните избори, а оваа снимка е прво појавување на претседателот во јавноста откако е во болница.
Откако неговите помошници и претставници на болницата порачаа дека немаат овластување да зборуваат за состојбата на Земан, претседателот на Сенатот Милош Вистрчил во понеделникот цитираше болнички извештај составен на барање на неговиот кабинет, во кој се наведува дека претседателот на Чешка во моментов не е во состојба да ја врши својата уставна функција, а имајќи ја предвид природата на неговата болест, долгорочната прогноза е крајно неизвесна.
На денешната конференција за новинарите шефот на кабинетот на Земан, Вратислав Минар го бранеше постапувањето на претседателскиот кабинет, кој со недели тврдеше прво дека Земан е само истоштен и дехидриран, а потоа кога конечно признаа на денот на парламентарните избори дека Земан е болен, тој и портпаролот тврдеа дека Земан и на интензивна нега е во состојба да носи одлуки и да ја врши функцијата.
Минар прикажа кратка видео-снимка од Земан како го потпишува декретот за новиот состав на парламентот, кој ќе биде формиран на 8 ноември. На снимката се гледа како Земан го потпишува документот додека е во болнички кревет.
[video:https://youtu.be/TIbBculLz_E autoplay:0]Откако Сенатот неделава го објави болничкиот извештај, чешката полиција отвори истрага за тоа дали соработниците на претседателот Милош Земан извршиле кривично дело со тоа што не ја информирале јавноста или највисоките функционери дека тој е премногу болен за да ја врши должноста.
Шефот на кабинетот на Земан е под притисок од властите, вклучувајќи го и премиерот Андреј Бабиш, да поднесе оставка поради таинственоста околу здравствената состојба на 77-годишниот претседател.






