четврток, 16 април 2026

Премиерот на Гренланд: Мора да бидеме подготвени за инвазија, складирајте храна, вода…

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, предупреди дека островот мора да се подготви за можна инвазија од страна на САД по сè почестите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за анектирање на данската територија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп постојано нагласуваше дека преземањето на Гренланд е клучно за безбедноста на САД, а Белата куќа не ја исклучи можноста за употреба на воена сила претходно оваа година, што предизвика загриженост кај жителите на Гренланд и ги стави сојузниците на НАТО во незгодна позиција.

Инсистирањето на Трамп за анексирање на Гренланд ги затегна односите на САД со сојузниците во НАТО. Американскиот претседател тврди дека САД имаат легитимен интерес да го контролираат Гренланд за да го зајакнат своето влијание на Арктикот, област од сè поголемо стратешко значење поради растечкото присуство на Русија и Кина.

Идејата не е поддржана од европските партнери, а и повеќето Американци се противат на неа. Анкета на Ју-Гов и Економист спроведена на 1.684 Американци кон крајот на јануари покажа дека само 13 проценти од испитаниците ја поддржале употребата на воена сила за преземање на Гренланд, додека 32 проценти би го поддржале купувањето на територијата.

Нилсен за Ен-би-си њуз изјави дека гренландската влада ги повикала жителите да бидат внимателни и да се снабдат со храна, вода и топла облека за најмалку пет дена. „Доколку одлучат да ја нападнат нашата инфраструктура, секако мора да бидеме подготвени“, рече тој.

На прашањето дали добил гаранции дека НАТО ќе се бори против САД, друга членка на алијансата, во случај на инвазија, Нилсен рече дека не знае дали НАТО ќе гарантира дека ќе се бори за нас против друг сојузник. Член 5 од Северноатлантскиот договор наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите.

Земјите од НАТО јавно изразија целосна поддршка, рече тој, но додаде дека одбраната од страна на алијансата е тешко прашање на кое е тешко да се одговори. Нилсен, исто така, забележа дека жителите на Гренланд се чувствуваат небезбедно и се исплашени од изјавите на Трамп.

Минатата недела, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл го критикуваше НАТО поради Гренланд, среде војната во Иран. Претседателот е фрустриран што сојузниците одбија да ги поддржат американските операции на Блискиот Исток и не ја исклучи можноста за напуштање на воената алијанса.

„НАТО НЕ БЕШЕ ТУКА КОГА НИ ТРЕБАШЕ И НЕМА ДА БИДЕ ТУКА КОГА ПОВТОРНО ЌЕ НИ ТРЕБА. СЕТЕТЕ СЕ НА ГРЕНЛАНД, ТОА ГОЛЕМО, ЛОШО УПРАВУВАНО ПАРЧЕ ЛЕД!!! Претседателот ДЈТ“, напиша Трамп.

Уште во јануари, тој на истата мрежа објави дека на САД им е потребен Гренланд „поради националната безбедност“, опишувајќи го како „клучен дел од Златната купола што ја градиме“. „НАТО треба да ни овозможи да го преземеме. АКО НЕ, РУСИЈА ИЛИ КИНА ЌЕ ГО СТОРАТ ТОА, А ТОА НЕМА ДА СЕ СЛУЧИ!“, напиша тој.

Нилсен претходно остро ја критикуваше реториката на Трамп, велејќи во јануари дека островот „не е на продажба“. „Гренланд не сака да биде во сопственост на САД. Гренланд не сака да биде управуван од САД. Гренланд не сака да биде дел од САД“, рече тој во тоа време.

Иако Трамп постојано ја споменуваше можноста за преземање на Гренланд, досега не се објавени формални воени планови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ