Морисон ги опиша социјалните медиуми како „палата на кукавиците“, наведувајќи дека платформите треба да ги обврзат корисниците да го потврдат својот идентитет или да ја преземат вината за нивните насилни пораки.
„Кукавиците што на социјалните мрежи анонимно ги вознемируваат и малтретираат луѓето и изнесуваат клевети против нив треба да сносат одговорност за она што го зборуваат. Социјалните мрежи станаа палата на кукавиците, каде што луѓето анонимно и неказнето можат да ги уништуваат животите на другите и да им упатуваат најтешки навреди“, рече Морисон.
Прашањето за корисниците што социјалните мрежи ги користат за вознемирување и малтретирање на другите е едно од серијата спорови меѓу Морисоновата влада и американските технолошки гиганти.
Австралија неодамна донесе закон против овие компании, кој предвидува можност за затвор за нивните извршни директори во случај на објавување фотографии со насилни сцени на платформите.
Локалните и австралиските федерални власти се обидуваат што е можно поскоро да ги променат законите поврзани со клеветата и навредите, откако судот минатиот месец пресуди дека медиумските куќи може да сносат одговорност за навредливите коментари што на нивните фејсбук-профили ги објавуваат корисниците на таа платформа.






