сабота, 2 мај 2026

Повеќето Британци разочарани од брегзитот

Објавено на

часот

Сподели

Во анкетата нешто повеќе од половината, односно 52 отсто испитаници, рекле дека брегзитот не донел ништо, а 36 отсто оцениле дека излегувањето на Британија од ЕУ претставува успех, пренесе бриселскиот портал Еурактив.

Дека брегзитот бил неуспех рекле и 32 отсто граѓани што се изјасниле како приврзаници на владејачката конзервативна партија, која беше главен мотор за напуштање на ЕУ, како и 26 отсто на тие што на референдумот во јуни 2016 година гласале за брегзит.

На тој референдум Британците со тесно мнозинство од 52 отсто спрема 48 отсто гласови се изјаснија за напуштање на ЕУ. Оттогаш британската јавност е речиси наполу поделена околу потребата за одржување нов референдум за членство.

Истражувањето, во кое учествуваа 2.000 граѓани, сепак покажа дека и добар дел на заговорници на брегзитот и приврзаници на конзервативците не е воодушевен од животот надвор од ЕУ.

Еден од петте избирачи на Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон оценил дека политиката на повторно придружување кон ЕУ би ги зголемила шансите на оваа партија на следните избори.

Меѓу нив, најголем е процентот на млади луѓе на возраст до 35 години, од кои 44 отсто мислат дека таквата политика би можела да ги поправи изгледите на партијата.

За разлика од конзервативците, мнозинството избирачи на Лабуристичката партија (71 отсто) и на либералните демократи (70 отсто) оцениле дека брегзитот бил неуспешен. Дека бил успешен сметаат 23 отсто приврзаници на лабуристите и 21 отсто приврзаници на либералите.

Анкетата покажа и дека жените се значително покритични спрема брегзитот од мажите. Дека тој бил неуспешен рекле 55 отсто анкетирани жени, за разлика од 49 отсто мажи.

Анкетата е спроведена во септември, наспроти партискиот конгрес на конзервативците на Џонсон.

Министерот за брегзит Дејвид Фрост, обраќајќи се кон учесниците на тој конгрес, рече дека „долгиот, грд сон за членство во ЕУ е готов” и дека почна „британската ренесанса”.

Такви и слични пораки и понатаму позитивно одекнуваат меѓу мнозинството избирачи на конзервативците и меѓу заговорниците на брегзитот.

Покрај тоа, односите меѓу Велика Британија и ЕУ и понатаму сериозно ги оптоваруваат разидувањата во врска со примената на трговската спогодба и особено на механизмот што се однесува на Северна Ирска, а за кој Лондон сака повторно да преговара.

Иако мнозинството избирачи на лабуристите и на либералите сметаат дека брегзитот бил грешка, во овој момент една од поголемите британски партии не ја поддржува идејата за повторно придружување кон ЕУ, а опозициската Лабуристичка партија ја исклучи и можноста за пристапување кон заедничкиот европски пазар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ