„Процесот на повлекување продолжува. Централната американска команда проценува дека завршивме повеќе од 90 проценти од целосниот процес на повлекување“, се вели во соопштението на американската армија.
Американскиот претседател Џозеф Бајден во април објави дека сака да го заврши тоа повлекување пред 11 септември, кога е 20-годишнината од нападот врз САД.
Белата куќа во петокот објави дека последните американски војници ќе ја напуштат територијата на Авганистан пред тој датум, „до крајот на август“.
Американските сили веќе официјално им ја предадоа на авганистанските сили контролата врз седум поранешни американски бази и ја вратија опремата во обем еднаков на товар од 984 авиони Ц-17.
Минатата недела американските сили и НАТО ја напуштија воздушната база Баграм, најголемата во Авганистан, на 50 километри од Кабул, која беше центар на операциите од почетокот на нивната воена интервенција.
Во почетокот на јануари 2021 година Пентагон објави дека американските сили во Авганистан се намалени на 2.500 луѓе.
На крајот на април НАТО почна „координирано“ повлекување на контингентите од својата мисија „Одлучна поддршка“, во која беа вклучени 9.600 војници.
Авганистанските власти распоредија стотици војници и провладини милиции за да се спротивстават на големата офанзива на талибанците на северот. Поради офанзивата, илјада авганистански војници во понеделникот мораа да се засолнат во Таџикистан.






