„Написот „Работата ослободува“ е една од иконите на човечката омраза“, потсети овој музеј. „Инструментализацијата на симболот на страдањето на жртвите на логорот Аушвиц, најголемите гробишта на Полска и светот е скандалозен израз на моралната деградација. Особено е срамно кога тоа го прават полски пратеници“, реагираше на Твитер музејот на најголемиот логор на смртта кој германските нацисти го изградиле на југот на окупираната земја за време на Втората светска војна.
Пратениците на маргиналната радикалната националистичка партија Конфедерација заедно со полските антиваксери протестираа синоќа пред Сејмот против, како што наведоа, „санитарната сегрегација“ и поради предлогот за измена на законот кој ќе им овозможи на полските работодавци да проверуваат дали нивните работници се вакцинирани или имаат негативен ПЦР тест за ковид-19.
Транспарентот со натпис „Вакцинацијата ослободува“ графички го копира натписот на главната капија на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, на југот на Полска, во чии гасни комори но и поради нечовечките услови во логорот биле убиени и страдале најмалку 1,1 милион луѓе, главно Евреи но и Роми, Полјаци, советски воени заробеници и припадници на другите европски народи.
Покрај тој транспарент пратениците носеле и втор „Нирнберг 2.0“, како закана до властите кои пропагираат вакцинација и носат санитарни мерки поради пандемијата дека еден ден ќе им биде судено за злосторства против човештвото како по војната во Нирнберг на фашистичките и нацистичките злосторници.
Во Полска денес на сила стапија нови заострени санитарни мерки според кои се затвораат дискотеките и клубовите освен во новогодишната ноќ, а музеите, кино-салите и угостителските објекти ќе можат да се пополнат не како до сега со 50 отсто туку со 30 отсто од капацитетот на салите, рестораните, кафулињата, додека во јавниот превоз не смее да се надминат 75 отсто од капацитетот.
Последните 24 часа донесоа рекорд на починатите од ковид-19 во есенскиот бран на пандемијата кога починаа 660 луѓе, главно невакцинирани, што е најмногу од април, а со тестирањата се откриени над 24.000 новозаразени.
Во болниците во моментов се 24.542 ковид-19 пациенти од кои 2.132 на респиратори.
[video:https://youtu.be/qMylA5LKeU8 autoplay:0]





