„Странци добиваат инструкции, опрема и солзавец од белоруски официјални лица“, се вели во твитот на полската гранична полиција.
Во близина на полскиот граничен премин Кузница, полската полиција преку звучници на англиски ги предупредила собраните дека ќе дојде до насилство доколку не ги следат упатствата.
Извештаите не можат независно да се проверат бидејќи на новинарите и на хуманитарните работници им е забранет пристап до областа откако Полска прогласи вонредна состојба долж својата граница. Слични се ограничувањата и на белоруската страна.
Веќе неколку дена илјадници мигранти од трети земји се заробени во импровизирани шумски кампови на границата со Полска додека температурите се движат околу нулата.
Толпи мигранти кои бараат пат до територијата на ЕУ се собраа и на литванската и латвиската граница.
Полска, Литванија и Латвија размислуваат да свикаат состанок на НАТО како одговор на кризата, изјави во неделата полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Многу мигранти се надеваат дека ќе влезат во Германија, а се шират гласини дека од понеделник ќе бидат достапни автобуси кои ќе ги однесат до германската граница.
Германското Министерство за надворешни работи ги демантираше гласините на Твитер, велејќи: „Кој и да ги шири овие лаги, ги става луѓето во голема опасност“.






