Грозданов вели дека договорот со кој се трошат народни пари го добил од свиркачи.
Според договорот, склучен во ноември 2023 година помеѓу Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија, застапувано од директорот Марјан Цветковски и Здружението на граѓани ИРЛ, застапувано од претедателката Сашка Цветковска, МРТВ и ИРЛ заеднички ќе реализираат 38 емисии од ТВ проектот со наслов „Партнерство за квалитетни реформски процеси преку истражувачко и аналитично новинарство“ – сезона 2.
Тие 38 емисии, според договорот, се: 4 документарни истражувачки филмови (60 минути), 18 поткасти (60 минути) и 16 (шеснаесет) информативни репортажи (8 минути) кои што ќе бидат придружна програма на поткастите.
Документот предвидува дека МРТВ ќе ја емитува продуцираната содржина, а во проектот ќе учествува со 150.000 евра плус ДДВ, кои ќе им ги исплати на ИРЛ.
Исплатата, според договореното, требало да се изврши на 8 рати, во износ од по 18.750 евра во денарска противвредност, плус 18% ДДВ, од кои првата рата било предвидено да се исплати најдоцна до 31.4.2024 година, а последната најдоцна до 31.12.2025 година.
Според договореното, ИРЛ требала да ги подготви и да го реализира процесите на предпродукција, продукција и постпродукција, односно да ги подготви договорените содржини и да ѝ ги достави на МРТВ. Националниот сервис, пак, имал обврска на ИРЛ да ѝ обезбеди телевизиско студио, да ги исплати парите и да ги емитува содржините.






