вторник, 5 мај 2026

СЗО: Шпанија дозволи да пристане бродот на кој се појави хантавирус, Мадрид демантира

Шпанија се согласи туристичкиот брод на кој се појави зараза со хантавирус да пристане на Канарските Острови, објави денеска Светската здравствена организација, додека бродот и натаму е блокиран на отворено море кај Зеленортска Република во Атлантикот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тековниот план е бродот да продолжи кон Канарските Острови“. Шпанските власти „навестија дека ќе го прифатат за да спроведат целосна истрага и, секако, да ги проценат ризиците за патниците на бродот“, изјави пред новинарите во Женева Марија Ван Керхове, вршителка на должноста директор на Одделот за превенција и подготовка за епидемии и пандемии при СЗО.

„Ризикот за пошироката јавност е мал. Не станува збор за вирус што се шири како грип или ковид-19. Ова е сосема поинакво“, додаде таа. Според СЗО, можно е на бродот да дошло до пренос на вирусот меѓу луѓе што биле во близок контакт.

Фокусот сега е на евакуација на двајца заболени патници, наведе СЗО. Шпанија „нема да донесе никаква одлука“ за пристанувањето на крузерот погоден од можна епидемија на хантавирус додека не се анализираат „епидемиолошките податоци“, соопшти во меѓувреме шпанското Министерство за здравство, очигледно спротивставувајќи се на изјавата на СЗО.

„Во зависност од епидемиолошките податоци собрани на бродот за време на минувањето покрај Зеленортските Острови, ќе се донесе одлука за најсоодветното пристаниште за пристанување. Дотогаш Министерството за здравство нема да донесе никаква одлука, како што ја известивме Светската здравствена организација“, објави министерството на Икс, кратко откако СЗО наведе дека Шпанија се согласила да го прими крузерот на Канарските Острови.

На бродот има околу 150 луѓе откако тројца — холандски брачен пар и германски државјанин — починале, а други се разболеле, вклучително и еден Британец што го напуштил бродот и се лекува во Јужна Африка.

Хантавирусот, кој може да предизвика смртоносна респираторна болест, се пренесува кога честички од измет или урина на глодачи ќе се најдат во воздухот. Не се пренесува лесно меѓу луѓето. За болеста не постои специфичен лек, па лекувањето се темели на медицинска нега, вклучително и користење респиратори во потешки случаи.

Властите на Зеленортските Острови од претпазливост не дозволија пристанување на бродот „МВ Хондиус“ под холандско знаме. СЗО претходно соопшти дека на бродот се идентификувани седум случаи на хантавирус, вклучувајќи два лабораториски потврдени и пет сомнителни. На бродот се наоѓаат претежно британски, американски и шпански туристи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ