Според полицијата, современиот систем за сообраќаен надзор „Безбеден град“ (Safe City), кој на национално ниво официјално започна со работа на 1 февруари годинава, постепено се воведува и на подрачјето што го покрива СВР Охрид.
По вчерашното финално тестирање, стручни екипи ги активираа камерите на автопатскиот потег кај Ново Село, а во следниот период се очекува системот да профункционира и на делницата меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на Коридорите 8 и 10.
Од СВР Охрид нагласуваат дека уредите во моментов не вршат санкционирање на возачите, бидејќи се наоѓаат во завршна фаза на техничка проверка. Според најавите, системот ќе овозможи постојан и засилен надзор на сообраќајот, детектирање на прекршоци, подобрување на сообраќајната дисциплина и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Полицијата апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено ограничувањето на брзината на делницата кај Ново Село, каде што максимално дозволената брзина изнесува 100 километри на час.






