петок, 26 јуни 2026

Се зголемува бројот на жртви од земјотресот во Венецуела, спасувачите трагаат по луѓе под урнатините (ФОТО+ВИДЕО)

Бројот на жртви од двата земјотреси што ја погодија Венецуела се искачи на околу 235, додека повеќе од 4.300 лица се повредени, изјави денес министерот за здравство Карлос Алварадо.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Алварадо изјави за државната телевизија дека до четврток, до 19 часот, здравствените установи згрижиле повеќе од 4.300 повредени лица, од кои повеќето имале полесни повреди, но дека имало и пациенти со тешки и умерени повреди, објави Си-ен-ен.

Земјотреси со интензитет од 7,5 и 7,2 степени според Рихтер ја погодија Венецуела во текот на ноќта помеѓу средата и четвртокот.

Во земјата е прогласена вонредна состојба, а воздушниот и железничкиот сообраќај, како и наставата во училиштата, се прекинати.

Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, ја посети сојузната држава Ла Гваира, подрачјето што е најтешко погодено од земјотресите.

За време на посетата, Родригез одржа состанок со локалните и државните претставници за да ја процени ситуацијата на терен, нагласувајќи дека приоритет е брзо да се донесат оперативни одлуки за заштита на животите на граѓаните и да се обезбеди помош на погодените семејства, пренесува Си-ен-ен.

Според соопштението од претседателството, како дел од планот за вонредни состојби, наредена е мобилизација на тешка механизација и итна дистрибуција на основни потреби, вклучувајќи вода за пиење, храна, душеци и ќебиња.

Спасувачките екипи, службите за управување со ризици и социјалната помош остануваат распоредени на терен за да обезбедат поддршка на населението за време на вонредната состојба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ