Германскиот миноловец „Фулда“ тргна од морнаричката база Кил-Вик на Балтичко Море кон Средоземјето, каде што најпрво треба да биде вклучен во НАТО-сојузот за противминска борба. Во случај на меѓународна мисија во Ормускиот теснец, бродот би се наоѓал поблиску до можната зона на ангажман, пишува Дојче веле.
Од почетокот на војната со Иран, која почна на 28 февруари, режимот во Техеран го блокира овој теснец, клучен за светскиот поморски сообраќај, за кој се наведува дека е миниран. Поради блокадата, цените на нафтата и течниот гас на светскиот пазар нагло пораснаа.
Блокадата силно ја погодува германската економија
Германскиот канцелар Фридрих Мерц повеќепати изјави дека Германија е подготвена да придонесе за обезбедување мировен договор — но дури по завршувањето на војната со Иран. Како што потврди во неделата навечер за АРД, тоа лично му го ветил и на претседателот на САД Доналд Трамп.
„За време на мојата последна посета и во нашите телефонски разговори повеќепати му реков дека оваа војна веќе има сериозни последици за нас, дека сакаме да заврши и дека сме подготвени да понудиме помош.“
Германската морнарица има големо искуство во отстранувањето мини. Од завршувањето на Втората светска војна континуирано расчистува заостаната муниција, особено во Балтичко Море. Десет миноловци, опремени со современи подводни дронови и високо специјализирани нуркачки тимови, стекнаа меѓународен углед. Во НАТО способноста за расчистување мини се смета за дефицитарна.
Последниот збор го има Бундестагот
Како и секоја оружена мисија на Бундесверот во странство, и евентуалната поморска мисија во Ормускиот теснец би била врзана за одредени услови. Тие произлегуваат од германскиот Устав и судската практика на Сојузниот уставен суд, највисокиот суд во земјата.
Пред сè, таквата мисија мора да биде дел од „систем на колективна безбедност“ — Обединетите нации, НАТО или Европската Унија.
Освен тоа, Бундестагот мора да биде известен за можниот ангажман, да расправа за него и на крај да го одобри мандатот. Во тој документ прецизно се утврдуваат задачите на Бундесверот, воените способности што се ставаат на располагање, подрачјето на дејствување, максималниот број на припадниците и времетраењето на мисијата.
Морнарицата веќе е оптоварена
Додека Бундестагот да ја одобри мисијата може да поминат денови, па и недели. Затоа морнарицата веќе презема подготовки, што бара прераспределба на постојните капацитети.
„Сè со што располагаме веќе е во употреба. Тоа особено се однесува на единиците за деминирање. Секоја нова задача оди на сметка на некоја постоечка“, изјави неодамна на прес-конференција во базата Кил капетанката на фрегата Инка фон Путкамер, командантка на Третата ескадрила миноловци.
Според министерот за одбрана Борис Писториус, германската морнарица е „најмалата во историјата на Сојузна Република Германија“, а веќе е ангажирана во повеќе мисии на Европската Унија, НАТО и Обединетите нации.
Фон Путкамер нагласи дека опасната работа во мински полиња може да се извршува само со соодветна заштита.
„Единиците за деминирање може да бидат ангажирани само ако се елиминирани заканите од море и од воздух. Како што една фрегата не може да открива мини, така ни миноловец не може да води воздушна борба. Затоа секогаш ќе нè гледате во координација со фрегати или корвети.“ Во такви операции би можеле да учествуваат и новите поморски извидувачки авиони со долг дострел од типот П-8 „Посејдон“.
Писториус: Без САД — нема ангажман
Министерот за одбрана Борис Писториус истакна дека таква мисија е можна само во соработка со партнери — и тоа исклучиво заедно со САД, кои, како што рече, имаат „најдобар увид во ситуацијата во регионот“.
„Американците се тие што — заедно со Израелците — ја водат оваа војна и затоа тие се наши клучни партнери кога станува збор за последиците“, изјави Писториус во април за АРД.
Колку Ормускиот теснец навистина е миниран засега не е познато. Неизвесно е и кога би бил исполнет клучниот предуслов за ангажман на Бундесверот — трајно завршување на војната со Иран. Засега нема навестувања за таков исход, а тензиите околу Ормускиот теснец во последно време повторно се засилени.






