„Тоа е многу сериозно. Тоа не е техничко или правно прашање. Тоа е суштинско политичко прашање кое се додава на долгата листа провокации кон ЕУ“, оцени Бон.
Уставниот суд на Полска пресуди вчера дека некои членови на основниот Договор на Европската Унија не се во согласност со полскиот устав, и дека Полска не мора да ги почитува како ни некои пресуди на Судот на правдата на ЕУ. Полскиот суд ги повика европските институции да не дејствуваат надвор од своите овластувања и да не се мешаат во полскиот правен систем.
Уставниот суд наведе дека членството во ЕУ и тоа што Варшава при влегувањето го потпишала основниот договор за функционирање на ЕУ не значи дека со тоа им го предала на судовите на Унијата својот правен суверенитет, и дека не е во сите случаи правото на ЕУ надредено над полското.
„Тоа е ризик за де факто излегување од ЕУ“, оцени Бон и кажа дека тоа е напад врз ЕУ од уставниот суд составен од полската власт.
Полска и ЕУ не се сложуваат околу правните реформи кои ги воведе владејачката националистичка партија Право и правда, кои според Брисел се закануваат на демократијата и правната држава во земјата.






