Во пораката објавена во вторникот по повод Светскиот ден на мирот на Римокатоличката црква, кој се слави на 1 јануари, папата исто така повика на подобра рамнотежа меѓу слободната пазарна економија и потребата да се помогне на сиромашните и да се заштити животната средина.
Папата посвети речиси една третина од својата порака на образованието, велејќи дека трошоците за образование во светот се „значително намалени“, а трошоците за одбрана пораснаа над нивоа забележани на крајот на Студената војна и „се чини сигурно дека ќе растат прекумерно“.
„Крајно време е владите да развијат економски политики со кои уделите на јавните средства потрошени на образование и оружје ќе ги заменат местата“, рече папата во пораката која ќе биде испратена до шефовите на државите и меѓународните организации.
„Вистинскиот процес на меѓународно разоружување може да биде само корисен за развојот на народите и нациите, ослободувајќи финансиски средства што е подобро да се искористат за здравствена заштита, училишта, инфраструктура, грижа за земјиштето и така натаму“, рече тој.
Папата повика на разоружување и забрана на нуклеарното оружје, истакнувајќи дека парите наменети за одбрана треба да се пренасочат на правична дистрибуција на вакцината против ковид-19 и истражување како да се спречат нови пандемии во иднина.
„И покрај многуте напори со цел конструктивен дијалог меѓу народите, заглушувачката врева од војните и конфликтите расте. Како што се шират болести од пандемиски размери, ефектите од климатските промени и уништувањето на животната средина се влошуваат, а трагедијата на глад и жед се интензивира“, предупреди папата.






