„Неговите мисли се пред сè со жртвите, со голема тага за нивните рани и благодарност за нивната храброст која ја покажале. Тие се со Црквата во Франција, освестувајќи ја таа страшна реалност, за да можат да тргнат по патот на искупувањето“, кажа портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.
Независната комисија која ги истражувала размерите на тој скандал во Католичката црква во Франција ги објави заклучоците, проценувајќи дека свештеници од 1950 злоставувале 216.000 деца и адолесценти.
Ако на тоа се додадат лицата кои ги злоставувале лаици кои работеле во институциите на Црквата, таа бројка се качува на 330.000, кажа претседателот на комисијата Жан Марк Сов.
„Папата во своите молитви го доверува на Господ божјиот народ во Франција, особено жртвите, да им даде сила и да ги утеши за, покрај правдата, да може да се случи чудото на излекување“, заклучи портпаролот.
Француската бискупска конференција изрази денес „срам и ужаснатост“ поради скандалот и побара прошка од жртвите.
Откритијата во Франција се најновите кои ја тресат Католичката црква по низата откриени случаи на сексуално малтретирање, често на деца, низ светот во последните 20 години.
Жан Марк Сов, претседателот на комисијата која го состави извештајот, кажа дека злоставувањето било системско.
Црквата не само што не ги презела потребните мерки за да го спречи злоставувањето туку и замижувала, не пријавувајќи го малтретирањето, а понекогаш и свесно ставајќи ги децата во контакт со предаторите, кажа тој.
Независната комисија ја формираше Француската бискупска конференција на крајот на 2018 за да ги расветли случаите на злоставување и да ја врати довербата на јавноста во Католичката црква, која во Франција ги губи верниците.
Сов кажа дека проблемот сè уште постои. Додаде дека Католичката црква до 2000-тите покажувала целосна индиферентност кон жртвите и вистински почнала да го менува својот став во 2015-2016.
Самата комисија идентификувала 2.700 жртви, но опсежна студија на истражувачки групи проценува дека имало околу 216.000 жртви.
„Вие сте срам на човештвото“, им кажа Франсоа Дево, кој го формирал здружението на жртви Ла парол либере, на претставниците на Црквата на јавното претставување на извештајот.
„Во овој пекол имало одвратни масовни злосторства, но, уште полошо, имало предавство на довербата, предавство на моралот, предавство на децата“, кажа Дево, обвинувајќи ја Католичката црква за кукавичлук.
Комисијата била составена од 22 члена, а меѓу нив имало правници, лекари, историчари, социолози и теолози.
Претходно неделава Сов кажа дека комисијата со истрагата открила меѓу 2.900 и 3.200 педофили свештеници и други припадници на клерот од 1950 во Франција.






