четврток, 16 април 2026

Папа: Светот го уништуваат грст тирани

Папата ги критикуваше светските лидери кои трошат милијарди на војни, велејќи дека светот го „уништуваат грст тирани“. Папата Лео, првиот американски папа во историјата, ги даде остриte забелешки за време на посетата на Камерун откако беше нападнат на социјалните мрежи од американскиот претседател Доналд Трамп.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Папата исто така ги осуди лидерите кои користат религиозен јазик за да ги оправдаат војните и повика на „решителна промена на насоката“. „Воените лидери се преправаат дека не знаат дека е потребен само еден момент за уништување, а честопати и цел живот не е доволен за обнова“, рече тој. „Тие замижуваат пред фактот дека милијарди долари се трошат за убивање и уништување, додека ресурсите потребни за лекување, образование и реконструкција ги нема никаде“.

Коментарите на папата следеа по јавната расправија со Трамп, кој рече дека папата „треба да се вразуми“ и го нарече „многу слаб“. Во своите последни коментари, папата сепак не именуваше ниеден конкретен лидер.

Трамп претходно го нападна папата Лео XIV на социјалната мрежа Трут соушл.

„Тој не е добар во својата работа… слаб е во однос на криминалот и ужасен во надворешната политика“, напиша тој, додавајќи: „Не сакам папа кој мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје. Не сакам папа кој мисли дека е ужасно што Америка ја нападна Венецуела…“

Трамп исто така сподели слика од себе генерирана со вештачка интелигенција како Исус Христос, но подоцна ја избриша објавата. Тој тврдеше дека сликата го прикажува „како доктор кој ги прави луѓето подобри“.

Папата Лео XIV ги отфрли нападите на Трамп и рече дека нема да влегува во политички конфликти. „Нема да влегувам во расправии. Она што го кажувам не е напад врз никого. Пораката на Евангелието е јасна: „Блажени се миротворците“, им рече тој на новинарите, пренесува АП. Додаде дека не се плаши од администрацијата на Трамп и дека ќе продолжи да се залага за мир и дијалог.

Конфликтот меѓу папата и Трамп е поврзан со војната меѓу САД, Израел и Иран.

Папата во последните денови постојано предупредуваше за „заблудата на семоќта“ што поттикнува војна и ги осуди нападите врз инфраструктурата и цивилите, додека Трамп се заканува со нови напади врз ирански цели, вклучувајќи електрани и мостови. Оваа размена на пораки го покажува продлабочувањето на јазот меѓу американскиот претседател и поглаварот на Католичката црква во врска со војната и нејзината ескалација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ