петок, 1 мај 2026

„Пандорините документи“: Наводна љубовница на Путин поседува имот од 100 милиони долари

Објавено на

часот

Сподели

Овие документи не го наведуваат Путин како официјален сопственик на спорниот имот – но тие откриваат таен имот вреден дури 100 милиони долари, вклучително и луксузен имот во Монако вреден 4 милиони долари, кој ѝ припаѓа на извесна Светлана Кривоногих.

Станот купен од Кривоногих се наоѓа во луксузниот комплекс Монте Карло Стар и гледа на Средоземно Море, веднаш под познатото казино Монте Карло, познато од филмовите за Џејмс Бонд. Во пристаништето под комплексот, членовите на кралски семејства, тајкуни и олигарси редовно доаѓаат со своите големи јахти, пишува Вашингтон пост.

Документите откриваат дека Кривоногих купила луксузен стан вреден 4,1 милиони долари во септември 2003 година преку офшор компанија регистрирана на Британските Девствени Острови наречена Броквил девелопмент – кратко време откако родила девојче по име Луиза Розова.

Девојчето е родено во време кога, според рускиот независен истражувачки портал Проект – еден од ретките преостанати независни медиуми под режимот на Путин – тогаш 28-годишната Кривоногих била во повеќегодишна тајна врска со Путин.

Проект, кој за тоа пишувал минатата година, во меѓувреме е забранет во Русија.

Кривоногих, според Проект, се спријателила со Путин кон крајот на 1990-тите, пред тој да стане претседател. Со текот на времето, тврди Проект, младата Русинка со скромно потекло, која студирала бизнис и работела како чистачка во продавница, станала негова љубовница – а таткото на нејзината ќерка не е никој друг туку Путин.

Без оглед на вистинската природа на нивниот однос, информациите презентирани од Проект сугерираат дека Путин и Кривоногих биле блиски. На пример, патувале заедно во ист авион.

Минатата година, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, очекувано, ги негираше тврдењата на Проект за врската на Путин со Кривоногих и татковството на нејзината ќерка. Но новите наоди од „Пандорините документи“ се имплицитна потврда дека дотогаш сиромашната Русинка неверојатно се збогатила, откако, наводно, се зближила со Путин.

Интересно е што Банката на Русија уште во 2010 година во своите документи објавила дека Кривоногих, преку својата компанија ООО Релакс, е една од најголемите акционери на таа банка. Таа банка од Санкт Петербург подоцна завршила на листата со санкции на американското министерството за финансии како „лична банка за високи функционери на Руската Федерација“.

Нејзината ќерка Луиза Розова, која сега има 18 години, самата предизвикала шпекулации за својот вистински татко во интервју. Таа самата признала дека исклучително личи на Путин, но одбила да потврди или да негира дека Путин е нејзиниот татко.

Иако во јавните документи прегледани од Проект и Вашингтон пост нејзиниот татко не се наведува, значајно е што нејзиното официјално средно име е Владимировна – а средното име во Русија секогаш се дава по името на таткото.

Кривоногих не одговори на прашањата на оваа тема, ниту пак нејзината ќерка.

Поврзаноста помеѓу Кривоногих и луксузниот имот во Монте Карло се наоѓа во „Пандорините документи“, а од нив е јасно колку Русинката се обидела да го сокрие фактот дека стои зад купувањето.

Офшор компанијата Броквил девелопмент е основана на карипскиот остров Тортола во април 2003 година, нешто помалку од еден месец откако Кривоноги родила ќерка. Неколку месеци подоцна, компанијата купила имот во Монте Карло за 3,6 милиони евра, според документите од Монако.

Кривоногих, откриваат „Пандорините документи“, станала неверојатно богата за само неколку години. Покрај стан во Монте Карло, стеканла стан во луксузен комплекс во својот роден град Санкт Петербург, недвижен имот во Москва, јахта и друг имот, во вкупна вредност од околу 100 милиони долари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ