Речиси 1.800 луѓе потпишале писмо со кое се бара првиот човек на САД да објави документи за кои веруваат дека ја откриваат вмешаноста на Саудиска Арабија во извршувањето на нападот, пренесува Би-би-си.
Во спротивно, тој не е добредојден на церемониите следниот месец по повод 20-годишнината од терористичкиот напад во кој се убиени речиси 3.000 луѓе.
Акцијата ја изведе терористичката група Ал Каеда, а нападите беа директна причина за американската инвазија на Авганистан. Петнаесет од 19 киднапери вклучени во операцијата беа државјани на Саудиска Арабија.
„Не можеме добронамерно, во спомен на загинатите, повредените и болните, да го поздравиме претседателот на нашето свето тло се додека не го исполни ветувањето“, се вели во писмото од членовите на семејствата на жртвите.
Тие го повикаа Бајден да се држи настрана од трите локации каде беа извршени нападите – Њујорк, Вирџинија и Пенсилванија.
Тие многу години тврдат дека саудиските власти знаеле за нападот и не направиле ништо за да ги спречат. Тие пред суд ја тужеа Саудиска Арабија, која негира дека била вмешана.
Минатиот месец, во рамки на тужбата, неколку високи поранешни саудиски функционери биле испрашани. Меѓутоа, нивните сведоштва се означени за доверливи, што дополнително ги налути семејствата.
„Откако Комисијата за утврдување на вистината на 11 септември ја заклучи својата работа во 2004 година, многу истраги покажаа докази за вмешаност на саудиските службеници и поддршка на нападите“, се вели во соопштението на здружението на семејствата.
Според нив, Министерството за правда и ФБИ активно работеле на чување на тајноста на информациите и спречување на американскиот народ да ја дознае вистината за нападите.
Администрациите на Џорџ В. Буш, Барак Обама и Доналд Трамп, исто така, одбија да ги декласифицираат документите, оправдувајќи се со загриженоста за националната безбедност.






