Како што кризата во земјата се влошува, неколку илјади Авганистанци дневно влегуваат во Иран, додека криумчарите продолжуваат да дејствуваат на границата со Пакистан, изјави Кели Клементс, заменик висок комесар на УНХЦР.
„Во однос на бројките, се подготвуваме за околу 500.000 нови бегалци во регионот. Ова е најлошото можно сценарио“, изјави Клементс пред новинарите во Женева.
„Иако во овој момент не видовме голем прилив на Авганистанци, ситуацијата во Авганистан се промени побрзо отколку што некој очекуваше“, додаде таа, истакнувајќи дека во последните денови е забележан мал пораст во Пакистан.
Проценката на УНХЦР за половина милион бегалци во следните четири месеци вклучува заминувања во Иран и Пакистан, како и во земјите од централна Азија, објасни Клементс. Таа не образложи што може да се случи по нападот на Исламската држава во четвртокот пред аеродромот во Кабул, во кој загинаа 85 лица.
Клементс рече дека високиот комесар на УНХЦР, Филипо Гранди, разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и други донатори за финансиска помош на УНЦХР за план за згрижување нови бегалци.
Други официјални претставници на ОН побараа 800 милиони долари за да се пополни хроничната празнина во финансирањето на Авганистан, а висок претставник за хуманитарна помош ја опиша ситуацијата како катастрофална. Се очекува најмалку една третина од Авганистанците да гладуваат.
„Хуманитарните потреби се катастрофални, од големи размери се и се зголемуваат“, рече Вафа Саид Абделатиф од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) на виртуелен брифинг.
„Овие хуманитарни потреби имаат причина во деценискиот конфликт влошен од суша и ковид-19“, додаде таа. ОН бараат 1,3 милијарди долари за 16 милиони луѓе во Авганистан да добијат хуманитарна помош оваа година, а недостасуваат 800 милиони долари.






