Одлуката за одобрување на пуштањето во употреба на гасоводот меѓу Русија и Германија нема да биде донесена во првата половина на 2022 година, кажа Јехен Хоман, претседателот на германската сојузна агенција за мрежи на конференција за медиуми.
Кон средината на ноември германското регулаторно тело ја суспендираше процедурата за давање на лиценца на компанијата Северен тек базирана во Швајцарија, додека таа не отвори филијала во Германија, што е неопходен услов за добивање на лиценцата за употреба.
Хоман кажа дека компанијата Северен тек ја информирале агенцијата дека ја формирале таа нова компанија во Германија но дека процедуварата за сертификација нема да продолжи сè додека на агенцијата не ѝ се предадат соодветните документи, на начин да можат да бидат проверени.
Зеленото светло од германските власти е една од последните фази пред гасоводот, чија изградба е завршена, да може да се пушти во работа. Европската комисија потоа треба да се изјасни дали сè е во согласност со прописите на ЕУ.
Берлин даде уверувања дека прекинот на процесот на сертификација на никој начин не е од политичка природа, иако гасоводот е во центарот на геополитичките тензии меѓу Русија и Украина.
Компанијата Северен тек мора да докаже дека ги префрлила неопходната актива и човечки ресурси на германската филијала, како што во ноември одлучи германското регулаторно тело, а кога ќе се добие одобрението тоа се поднесува на Европската комисија на која ѝ треба одредено време да го одобри, кажа Хоген.
Гасоводот во моментов е во фокусот на дипломатското натегање меѓу Германија и Русија.
Новата германска влада предводена од социјалдемократот Олаф Шолц неодамна ја предупреди Москва дека би можело да биде наредено „сопирање“ на овој проект во случај на нова воена ескалација во Украина.
Тензиите дополнително пораснаа вчера поради протерувањето на двајца руски дипломати од Германија. Берлин реагираше на изрекувањето на доживотна казна на руски државјанин за убиство на чеченски опозиционер во Берлин во 2019 година, кое, според германски суд, го нарачала Москва.






