сабота, 8 ноември 2025

Обвинителка: Грабежот во Лувр го извршија ситни крадци, а не организирани криминалци

Спектакуларниот грабеж на накит вреден 88,4 милиони евра од музејот Лувр минатиот месец не е дело на професионални крадци во стилот на холивудските филмови, туку на група ситни криминалци, изјави вчера париската обвинителка Лаура Бекуо.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Иако грабежот бил извршен сред бел ден и траел помалку од седум минути, профилите на досега уапсените осомничени укажуваат на локални криминалци од сиромашните северни предградија на Париз, а не на врвот на организираниот криминал, пишува Ројтерс.

Пред две недели, двајца мажи со помош на кран за преселување стигнале до вториот кат од музејот, скршиле прозорец и отвориле витрини со брусилки. Тие избегале со пленот на скутери управувани од двајца помагачи.

Сепак, низа аматерски грешки фрлаат сомнеж врз нивната професионалност. За време на бегството, им испаѓа највредниот накит – круната на царицата Евгенија, украсена со злато, смарагди и дијаманти. На местото на злосторството оставиле алат, ракавица и други докази, а не успеале ни да го запалат камионот што го користеле.

„Ова не е баш секојдневна деликвенција… но е еден вид деликвенција што обично не ја поврзуваме со повисоките ешалони на организираниот криминал“, изјави обвинителката Бекуо за радиото Франсинфо, нагласувајќи дека профилите на четворицата уапсени не одговараат на професионалци способни за сложени операции.

„Тие се локални лица. Повеќе или помалку сите живеат во Сен-Сен-Дени“, додаде таа, осврнувајќи се на посиромашната област северно од Париз. Една недела по грабежот, уапсени се првите двајца осомничени: 34-годишен Алжирец и 39-годишник кој веќе бил под судски надзор.

И двајцата живеат во Обервилиер, северно предградие на Париз, и „делумно ја признаа“ својата вмешаност. 37-годишен маж и неговата 38-годишна партнерка, со која има деца, исто така беа уапсени кон крајот на октомври.

Се верува дека 37-годишникот бил дел од банда од четири лица, што е индицирано од ДНК пронајдена во камионот. Тој веќе има 11 пресуди за разни кривични дела, а интересно е што тој и еден од претходно уапсените мажи веќе биле осудени за ист грабеж во 2015 година.

Парот негира каква било вмешаност во грабежот во Лувр.

Телевизијата БФМ објави дека жената се расплакала на суд кога слушнала дека останува во притвор. „Се плашам за моите деца и за себе, се плашам“, извика таа.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез верува дека еден осомничен, кој сè уште е во бегство, веројатно ја организирал целата операција. Обвинителката Бекуо потврди дека „барем едно лице сè уште недостасува“ од групата на крадци, не исклучувајќи ја можноста за други соучесници. Историскиот накит сè уште не е пронајден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ