Според Ал џезира Балканс, маскираните лица што тепаат мигранти и ги тераат да „одат во Босна“ се обучени слично како и хрватската интервентна полиција.
Сцените се снимени во јуни, за време на осуммесечна новинарска истрага.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=xj39k1Jjv3w autoplay:0]Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, потврди дека е формиран експертски тим за да се утврди што се случило, а шефот на граничната управа, Зоран Ничено, изјави дека Полициската управа формирала работна група што ќе излезе на терен.
Хрватска и претходно беше обвинувана дека насилно ги враќа мигрантите во БиХ, на што предупредуваа голем број меѓународни организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации (ОН).
Меѓутоа, Министерството за внатрешни работи на таа земја постојано негира какво било незаконско однесување на полицијата на границите кон мигрантите.
Божиновиќ на прашањето на новинарите во Загреб за вознемирувачките снимки на насилство објавени од РТЛ нагласи дека во хрватската полиција нема место за насилство.
На снимките се прикажани маскирани луѓе со фантомки на главите, кои со палки какви што имаат припадниците на интервентната полиција тепаат мигранти и ги тераат преку притоката на реката Корана од Хрватска да одат во БиХ. Некои од тепачите се облечени и во подјакни што личат на некои од униформите на единицата.
„Кога станува збор за каква било злоупотреба на моќта, а да не зборуваме за насилство, во хрватската полиција нема место за тоа“, нагласи Божиновиќ. Тој, исто така, рече дека хрватската полиција со години се соочува со мигрантски притисок на надворешната граница на ЕУ, која ја штити од илегален влез. На прашањето дали ќе сноси одговорност доколку снимките се покажат автентични, Божиновиќ одговори дека не гледа зошто тоа би било негова одговорност, бидејќи никој не добил наредба за употреба на сила.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска изјави дека побарал да се преземат сите мерки и да се направи опсежно испитување во врска со снимките од насилното протерување мигранти од Хрватска преку границата со БиХ.






