Составот на владата, објавен во вторникот, се состои од водачи на исламистичкото милитантно движење и ветерани од герилската војна, која минатиот месец заврши со победа на талибанците по дваесетгодишната војна во Авганистан.
Западот им порача на талибанците дека ако сакаат мир и напредок, треба да формираат инклузивна влада која ќе ги исполни ветувањата за помирлив пристап, влада која ги поддржува човековите права.
„Објавувањето на преодна влада без учество на други групи, како и вчерашното насилство врз демонстрантите и новинарите во Кабул, не влеваат оптимизам“, рече Маас пред средбата со американскиот колега Ентони Блинкен.
Маас додаде дека сака да ги продолжи преговорите со Талибанците, за да се осигури дека што повеќе Авганистанци кои се чувствуваат загрозени ќе успеат да ја напуштат земјата.
„Ако новата влада не може да води државни работи, по политичкиот, се заканува и економски колапс, со уште подрастични хуманитарни последици“, предупреди Маас.
Пред состанокот со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во американската база Рамштајн Маас ја истакна потребата од блиска комуникација и додаде дека ќе разговара како да се комуницира со талибанците и како да се евакуираат што е можно повеќе луѓе од земјата.






