недела, 31 мај 2026

Немири во Франција: Стотици уапсени откако ПСЖ ја освои Лигата на шампионите (ВИДЕО)

Во судирите меѓу фудбалските навивачи и полицијата низ Франција се уапсени повеќе од 400 лица по вчерашната победа на Пари Сен Жермен (ПСЖ) над Арсенал во финалето на Лигата на шампионите, пренесува Би-би-си.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Синоќа во Будимпешта, ПСЖ го победи Арсенал по подобро изведување на пенали и ја освои втората последователна европска титула.

Илјадници полицајци беа распоредени за да ги смират немирите што го нарушија автобускиот, возниот и железничкиот сообраќај во главниот град на Франција, Париз.

Во метежот беа активирани огномет и ракети, а неколку полицајци беа повредени. Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата во центарот на градот.

Снимките од Париз се чини дека покажуваат палење факели, горење електрични велосипеди по улиците и кршење стакло на најмалку една продавница, според Би-би-си.

Авенијата Шанзелизе беше преплавена со навивачи кратко откако францускиот тим победи на пенали. Претходно вчера имаше судири меѓу полицијата и навивачите кои дојдоа да го гледаат финалето на големи екрани на Паркот на принцовите, стадионот на ПСЖ.

Полицијата соопшти дека за време на немирите биле оштетени шест возила, две деловни згради и автобуска постојка.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 416 лица биле уапсени во раните утрински часови во неделата, вклучувајќи 280 во Париз.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека седум полицајци се повредени и ги нарече немирите „апсолутно неприфатливи“.

Лидерката на крајната десница, Марин Лепен, напиша на Икс: „Само во Франција победата на фудбалски клуб предизвикува немири. Само во Франција секој чувствува потреба да се заклучи во своите домови вечерта по победата за да избегне соочување со насилство“.

Играчите треба да учествуваат на победничката парада во недела попладне, која вклучува обиколка на Марсовото поле покрај Ајфеловата кула и прием кај францускиот претседател Емануел Макрон.

Минатата година, триумфот на ПСЖ во Лигата на шампиони беше засенет од судири во кои загинаа две лица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ