Последниве денови на социјалните мрежи почна да се шири уште една гласина за смртни случаи од вакцина против коронавирусот, за кои се тврди дека се заташкуваат во медиумите. Во овој случај, станува збор за пилоти на британската авиокомпанија „Бритиш ервејс“ (БА).
Имено, антиваксери, коронаскептици и теоретичари на заговори кон средината на овој месец почнаа да ја шират гласината дека тројца пилоти на БА починале за само една недела, како резултат на вакцината против коронавирусот што ја примиле.
Се чини дека гласината ја покренал анонимен маж што споделил гласовна порака во која тврди дека информацијата ја добил од „пријател што е пилот на БА“ и додал дека авиокомпанијата сега е во „кризни разговори“ со британската влада за безбедноста на летовите на авионите управувани од вакцинирани пилоти.
„Ова е голем проблем затоа што околу 85% од пилотите на БА веќе се вакцинирани“, наведе веб-страницата за промоција на теории на заговор Грејт реџект, која и ја објави оваа говорна порака.
Антиваксерскиот твитер-профил ЈББ дури објави фотографија од книга на сочувство и портрети на четворицата починати пилоти, тврдејќи дека тие биле „убиени од ковид-вакцини“.
Сепак, иако се чини дека самата фотографија е автентична, веста дека пилотите починале од вакцината е лажна, пишува на страницата за проверка на факти Сноупс.
За гласината се јави и самиот Бритиш ервејз, чиј официјален профил на Твитер го објави следново објаснување: „За жал, неодамна починаа четворица членови на нашата пилотска заедница. Нашите мисли се со нивните семејства и пријатели. Меѓутоа, нема никаква вистина во тврдењата на социјалните мрежи што шпекулираат дека четирите смртни случаи се поврзани“.
Овој коментар БА го даде како одговор на прашање на уште една твитер-страница за теории на заговор, Авернес фаундејшн, кое гласеше: „Со почит бараме потврда дали оваа приказна е точна или не. Ве молиме, одговорете со целосни објаснувања за да можеме да донесеме свои заклучоци за валидноста. Доста ни е од чудни одговори. Погледнете подолу. Ви благодариме.“
Британскиот пилот не почина од вакцина, туку од коронавирусот, по 8 месеци во болница
Сноупс темелно го истражил овој случај и успеал да го потврди идентитетот на тројца од четворицата пилоти на „Бритиш ервејс“ што починале во мај и јуни 2021 година: капетанот Николас Синот, првиот виш офицер Едвард Брис-Бенет и вишиот прв офицер Грант Мерсер. Во објавите на социјалните мрежи беше споменато и уште едно име, но Сноупс не успеал да ги провери деталите за таа смрт.
Николас Синот починал во јуни 2021 година, како што објави Дејли мејл на 10 јуни, исто како и спомен-страницата што ја покрена неговото семејство. Веста дека Синот починал од вакцината не само што е лажна, туку е особено злонамерна и безобѕирна со оглед на вистинската причина за неговата смрт.
Овој 60-годишен Британец, имено, починал откако се заразил со коронавирусот во март 2020 година на лет од Лондон до Хјустон, Тексас. Таму и бил хоспитализиран, а неговата болест била толку тешка што поминал неверојатни осум месеци во болницата, поради затајување на дишните, а и на други органи.
По осум месеци лекување во САД, Синот во декември 2020 година конечно се вратил дома во Англија. За жал, компликациите од ковид-19 се чини дека биле премногу сериозни и Синот починал во почетокот на овој месец.
Books of condolence? pic.twitter.com/vIvXUjPTP4
— Caroline Cook (@horseart1) June 17, 2021
Ниту другите смртни случаи не се поврзани со вакцина
Брис-Бенет почина на 2 јуни 2021 година. Локалниот англиски весник „Њу вали њуз“ објави дека тој бил пронајден во бесознание во парк за ридски велосипедизам во Тидворт, Вилтшир, а потоа бил прогласен за мртов. Истрагата покажала дека Брис-Бенет настрадал од „абдоминална траума и хемоперитонеум“, што е еден вид внатрешно абдоминално крварење.
Мерсер почина на 4 мај 2021 година. Неговото семејство, исто така, отвори спомен-страница со собирање средства за да се покријат трошоците за погребот. Сноупс пишува дека едно лице упатено за неговата смрт им потврдило дека таа нема никаква врска со вакцинацијата против ковид-19. И навистина, наведената страница за „краудфандинг“ сугерира дека станува збор за самоубиство, бидејќи се наведува дека собраните вишок средства ќе ѝ бидат донирани на иницијативата за борба против самоубиствата „Кампања против мизерното живеење“.
Сноупс забележува дека не добил конкретни информации дека починатите пилоти биле вакцинирани против ковид-19, но дека тоа секако е можно, со оглед на високата стапка на вакцинација во Велика Британија.
Сепак, тие што тврдат дека овие пилоти биле „убиени од вакцини против ковид“ не само што не презентираат никаков доказ, туку постојат и конкретни објаснувања за нивната смрт. Покрај тоа, Бритиш ервејс недвосмислено изјави дека четирите смртни случаи не се поврзани со вакцинирањето. Да не беше точно тоа, нивните семејства можеа да ги негираат нивните деманти. БА и по барање на Ројтерс негираше дека смртните случаи се поврзани со вакцинација и дека водат какви било „кризни разговори“ со владата.






