Во соопштението се оценети како загрижувачки пораките од собирот по повод 13-годишнината од Движењето на социјалистите, еден од првите предизборни собири за претседателските избори во Србија следната година, на кој присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ, „кој не се оградил од нив“.
Од Хелсиншкиот одбор наведоа дека Вулин ја повтори својата теза дека „задача на оваа генерација на политичари е создавање на српски свет – да ги обедини Србите каде и да живеат“, а за тој српски свет да настане Србија мора да биде економски успешна, добро вдена, да има војска која е во состојба да ја зачува неа и Србите каде и да живеат.
Претседателката на Хелсиншкиот одбор Соња Бисерко наведе дека пораката на собирот е секако, не само обединување на сите Срби во една држава, туку и дека таква Србија може да ја зачува само политиката на Александар Вучиќ.
„Вака отворено извикување воена политика насочена кон сите соседи, воедно е и тестирање до каде може да се оди во дадените меѓународни околности, односно до кога меѓународната заедница ќе го толерира ова однесување“, наведе Бисерко, а пренесоа српските медиуми.
Пратеничката на СДП Драгиња Вуксановиќ Станковиќ соопшти дека губитниците на „последните четири војни за Голема Србија“ Вулин и Вучиќ, прво како каплари кај (Слободан) Милошевиќ, сега како наводни лидери, тргнуваат во уривање на границите на меѓународно признатите држави под ново име – Српски свет.
„Историјата, а и Црна Гора ќе им покажат како завршуваат капларите кога како лидери ќе тргнат во агресија на соседите“, наведе таа.






