Условите се задоволени за прифаќање на документот кои министрите на Г20 го нарекоа Договор од Рим, кажа италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца.
Една од клучните обврски од текстот е поправедна дистрибуција на вакцините надвор од богатите земји, врз основа на заедничкиот став дека вакцината е право на сите, а не само на привилегираните.
Германија планира 100 милиони дози вакцини против коронавирусот да направи достапни за меѓународната кампања пред крајот на годината, најави на маргините на состанокот германскиот министер за здравство Јенс Шпан.
„Тоа е истиот број колку што имаме вакцинирано во нашата земја досега“, кажа Шпан.
Додаде дека германскиот придонес ќе помогне и во тоа да се постигне целта за најмалку 40 отсто вакцинирани во светот пред 2022.
Пандемијата е готова дури кога е готова во целиот свет, истакна Шпан, предупредувајќи на опасноста која ја претставуваат варијантите на вирусот во недостиг на глобален одговор.
Ова е еден од последните министерски состаноци пред средбата на лидерите на Г20 во октомври во Рим.
На дводневниот собир учесниците разговараа за тоа како може да се спречат идни пандемии и како земјите можат подобро да се подготват и за начините знаењето да стане подостапно низ светот.
Русија ги повика земјите од Г20 на меѓусебно признавање на ковид-сертификатите. Важно е да се има заеднички пристап до прекуграничните патувања на вакцинираните луѓе, кажа министерот Михаил Мурашко.
„Со таа цел важно е да се разгледа меѓусебно признавање на вакцините“, додаде тој.
Според претходните информации, Русија веќе води преговори за тоа со ЕУ, но досега без поголеми резултати.






