„Вистината е едноставна. Кога ДУИ зборува за казина, од позадина зборува црната кутија на Артан Груби. Таа кутија со години го држеше овој сектор под контрола преку неговата десна рака, бегалецот Прпарим Бајрами, го лиценцираше, го управуваше и го претвори во механизам за политичко влијание, уцени и тесни интереси. Денес ДУИ не открива проблем, туку се сопнува од сопствените траги. Ако ДУИ сака да зборува за лиценци, адресата им е добро позната. Нека ја побараат кај Артан Груби и кај сопствената политичка архива, таму каде што со години се цртала коцкарската мапа на државата. Црната кутија на Артан Груби не е затворена. Таа допрва ќе зборува. А кога ќе прозбори, ќе стане јасно кој, меѓу другото, ја изгради и коцкарската империја“, велат од Вреди.
Претходно денеска ДУИ обвини дека кај гробиштата на Блаце се гради казино.
„Гробиштата не се место за казино. Гробиштата не се зона за коцкање. Гробиштата не се простор за комерцијален профит. Тоа се места на достоинство. И секој обид во нивна близина да се постави индустрија на игри на среќа претставува тежок провокативен чин кон семејствата, кон верниците и кон секоја човечка норма. Ова прашање ја надминува дневната политика. Ова е основно прашање за карактерот на државата, дали ги штити чувствата на граѓаните или интересите на казината? Затоа од ДУИ бараат веднаш да се објави вистинската намена на објектот и целокупната документација, да се запрат работите до целосно разјаснување на случајот, да се истражи како е дозволена ваква дејност во близина на гробишта и да се почитува волјата и чувствителноста на граѓаните од подрачјето на Блаце. И на крај, како неопходен додаток, граѓаните имаат право да знаат зошто оваа влада го повлече и законот со кој ветуваше отстранување на игрите на среќа од близина на училиштата и чувствителните зони. Денес, кога гледаме што се случува крај гробиштата, тоа прашање е уште потешко“, рече на прес конференција Имране Велиу од ДУИ.
Реагираше и компанијата Макотен од каде кажаа дека нивното казино Фламинго не црта градежни парцели.
„Во врска со денешната прес-конференција на Имране Велиу од политичката партија Демократска унија за интеграција – ДУИ, каде се споменува нашиот корпоративен бренд Казино Фламинго, сакаме да го потенцираме дека Макотен е компанија со странски капитал кој доаѓа од земја членка на ЕУ и секоја инвестиција реализирана во Македонија се прави исклучиво во согласност со позитивните законски прописи. Казино Фламинго веќе 19 години приредува игри на среќа во хотелски комплекс на граничниот премин Богородица и речиси шест години во срцето на Скопје во хотелот Мериот во деловен објект кој е наша сопственост“, се наведува во соопштението на компанијата.
Оттаму велат дека како и досега, така и во иднина, нема, со кој било нов инвестициски проект да си го нарушат нивниот корпоративен углед на сигурен партнер на заедницата.
„Казино Фламинго не црта градежни парцели, ниту се занимава со урбанистичко планирање. Секое тврдење дека имаме цел да нарушиме нечие достоинство или да загрозиме земјиште каде што има гробишта е чиста клевета со која недозволиво, за сурови политички интереси, се манипулира со најдлабоките верски чувства. Земајќи го предвид погоре наведеното, апелираме да престанат суптилните обиди за злоупотреба на светски познатиот бренд „Казино Фламинго“ во дневнополитички препукувања за да избегнеме неоснована штета врз нашиот корпоративен углед“, реагираа од компанијата.






