сабота, 25 април 2026

Алумни-асоцијацијата на Школата за лидери на екс претседателот Иванов одбележа 15 години постоење

Под мотото „Лидерство. Пријателство. Влијание“, алумни-асоцијацијата на Школата за лидери на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов – ИСЛАА, одбележа 15 години од основањето, со свечен настан кој ги обедини алумнистите, поддржувачите и пријателите.

Објавено на

часот

Сподели

ИСЛАА соопшти дека во изминатите петнаесет години прераснала во влијателна заедница од над 600 алумнисти од земјата и од светот.

„Денес гледаме заедница од стотици алумнисти кои делуваат во различни сфери, државни институции, бизнис, граѓанско општество, образование, иновации и медиуми. Тоа се луѓе кои не само што се развиваа индивидуално, туку придонесуваат во развојот на општеството и во создавањето нови генерации лидери. Ова е вистинската вредност на Школата и на Алумни-асоцијацијата“, истакна во своето обраќање основачот на Школата за млади лидери, Ѓорге Иванов.

Осврнувајќи се на значењето на заедницата и улогата на секој алумнист во нејзиното градење, се наведува во соопштението, претседателката на ИСЛАА, Анастасија Илиевска, истакна дека јубилејот што го одбележуваат е јубилеј за секој од нив.

„Без разлика дали сте дел од оваа приказна една година, пет или сите 15. Затоа што ИСЛАА е мрежа на луѓе, сите наши приказни, испреплетени и различни, но поврзани со една иста мисија и визија: да ја направиме Македонија и светот подобро место за живеење“, истакна Илиевска.

Јубилејниот настан беше можност да се оддаде признание на поединци и организации кои имаат значаен придонес во развојот на Школата и ИСЛАА.

Извршниот одбор на ИСЛАА додели плакета за особен придонес на основачот на Школата за млади лидери, претседателот Ѓорге Иванов, за неговата визија и за поставувањето на темелите врз кои се изградени генерации лидери.

Посебно признание му беше доделено на Даниел Ѓокески, првиот претседател на ИСЛАА, за неговата улога во поставувањето на организациските темели и развојот на асоцијацијата.

Ккао што информира ИСЛАА, плакети им беа доделени и на истакнатите алумнисти, министерот Стефан Андоновски и шефот на кабинет на министерката за финансии, Катерина Антовска, за нивниот придонес во општеството.

„Настанот испрати јасна порака дека ИСЛАА не е само организација, туку жива заедница со долгорочно влијание. Со 15 години зад себе, ИСЛАА продолжува да ја гради својата мисија: да поврзува, инспирира и поддржува млади лидери кои ќе придонесуваат за подобро и поодговорно општество“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ