среда, 22 април 2026

Меркел и Макрон бараат самит на врвот на ЕУ и Путин

Објавено на

часот

Сподели

Средбата би се случила по состанокот на американскиот претседател Џо Бајден и Путин претходно месецов во Женева, во време кога Париз и Берлин се незадоволни што пристапот на Европската Унија кон Русија во изминатите години се сведува само на санкции, пренесува Ројтерс.

„Мораме да разработиме како да излеземе од оваа негативна спирала, но мораме да настапиме обединето“, кажал еден европски дипломат додавајќи дека балтичките земји би можеле да се противат на самитот.

Не е јасно дали таквата средба би ги вклучувала сите 27 лидери на Унијата или само претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Средбите на највисоко ниво беа прекинати откако Русија во 2014 година го анектираше црноморскиот полуостров Крим.

Лидерите на ЕУ за новата стратегија на управување на сè полошите односи со Русија ќе разговараат од денес, на дводневниот самит во Брисел.

„Германија и Франција дадоа некои идеи за расправата во ЕУ за Русија. Меркел претходно спомна дека со Русија и Кина на највисоко ниво не би требало да разговараат само САД. Русија е сосед, а таков формат веќе постоеше во 2007 година во Финска“, кажа за Ројтерс лице упатено во претстојниот состанок за Русија.

Стратегиски документ на Европската комисија и дипломатските служби на Европската Унија претходно месецов укажа дека, и покрај годините тензии, „ЕУ и Русија имаат основна заедничка одговорност за мирот и безбедноста на европскиот континент“.

Иако Западот ја обвинува Русија за кибернетички напади, кампањи на дезинформирање и други акти, што Кремљ го отфрла, најголемата држава во светот е и петти најголем трговски партнер на ЕУ, додека европскиот блок е најголемиот странски инвеститор во Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ