На бизнис-конференција во Берлин, Мерц предупреди на зајакнувањето и растот на политиката на крајната десница (во Германија) и вети дека ќе продолжи да работи во рамките на сегашната коалициска влада и покрај наглиот пад на јавната поддршка, објави порталот Блумберг.
Тој повторно ја отфрли можноста за соработка со Алтернатива за Германија (АфД), која ја надмина неговата конзервативна партија на анкетите.
Мерц се осврна на централната улога на ЦДУ во водењето на земјата по поразот на нацистичката диктатура во Втората светска војна и се присети на првиот повоен канцелар на Западна Германија, Конрад Аденауер.
„АфД сака да се врати во ерата пред Аденауер. Со Аденауер успеавме да ја оставиме зад себе Германија од ерата на фашизмот. Јас нема да ја водам Сојузна Република Германија, ниту мојата партија, назад во времето пред Аденауер“, рече Мерц.
Зборувајќи за економската криза, Мерц предупреди дека нема да има „голем економски бум што би ги решил сите проблеми одеднаш“, но потврди дека неговата влада планира оваа година да спроведе сеопфатна реформа на германскиот здравствен, даночен и пензиски систем.
Германскиот канцелар рече дека неговата влада мора повторно да докаже дека демократските институции во Германија функционираат, наведувајќи дека постои оправдано разочарување поради бавното донесување одлуки.
„Го знам тоа и го знам обемот на задачата“, заклучи Мерц.






