Човекот ѝ рекол на полицијата дека сакал да украде авион за да може да одлета до Областа 51 и да ги види вонземјаните. Тој бил уапсен во средата откако со возило пробил низ оградата на меѓународниот аеродром Мекаран, паркирал до еден авион и се заканувал со бомба, пишува Си-ен-ен.
Тој е уапсен поради влегување на приватен имот и терористички чин, се наведува во полицискиот извештај.
Областа 51 е воена база лоцирана во јужниот дел на западна Невада во САД. Се користи како полигон за обука на воздухопловните сили на САД. Самото име всушност доаѓа од ознака на мапата.
Таа воена база долго време е во фокусот на различни теоретичари на заговор кои веруваат дека американската влада таму крие тела на вонземјани и НЛО.
Според полицијата, мажот откако ја пробил оградата, се возел меѓу неколку авиони, па се паркирал во близина на еден од авионите и им се заканил на вработените.
„Имам еб*на бомба. Ќе го кренам местово во воздух“, им се заканил.
Сведоци велат дека на лицето носел маска на кловн. По заканата тој се вратил во возилото, додека вработените избегале на безбедно и почнале да го евакуираат аеродромот.
Кога пристигнала полицијата, успеала да го запре возилото и веднаш го привела осомничениот. При претрес на неговиот автомобил, полицајците пронашле направа која наликувала на резервоар за кислород и нешто што личело на апарат за гаснење пожар, околу кое биле обвиткани многу жици.






