„Објавувам дека на 9 октомври Франција повторно ќе ја започне борбата за универзално укинување на смртната казна”, рече Макрон во говорот во Париз по повод 40-годишнината од укинувањето на смртната казна во Франција.
Тој рече дека како дел од француското претседателство со Европската унија во првата половина на 2022 година, со невладината организација „Заедно против смртната казна“ во Париз ќе организира самит кој ќе ги собере граѓанските општества на државите кои сè уште спроведуваат смртна казна или имаат на сила мораториум за да ги увери нивните водачи во важноста и итноста на нејзиното укинување.
Роберт Бадинтер, поранешен француски министер за правда, кој е заслужен за укинување на смртната казна во земјата во 1981 година, рече дека е апсолутно убеден дека смртната казна ќе исчезне во светот, бидејќи тоа е срам за човештвото.
„Таа не го штити општеството, таа е срам за општеството“, рече Бадинтер во говорот во Пантеонот, споменик на француските великани. Макрон потсети дека во 1981 година, Франција беше 35 -та земја во светот што ја укина смртната казна.
„Досега, 106 држави го направија тоа, а 50 прогласија де јуре или де факто мораториум на егзекуциите“, рече Макрон. Тој изрази жалење што минатата година биле извршени најмалку 483 смртни казни во 33 земји во светот. Меѓу другите, смртната казна е во сила во Кина, САД и Индија.






