„Западен Балкан не ни е соседство, овој регион е во срцето на Европа, доволно е да се погледне картата на континентот и нашата историја“, рече Макрон во Париз, претставувајќи ги приоритетите на шестмесечното француско претседателство, кое почнува на 1 јануари 2022 година.
Францускиот претседател истакна дека Европа има посебна одговорност во однос на Западен Балкан и предупреди дека „во регионот има тензии што во историјата некогаш биле трагични“.
Макрон повика на посилен политички и економски ангажман на Европа, со цел да се зајакне економската интеграција и размената меѓу луѓето, што „ќе помогне да се реши прашањето на малцинствата“, кое, според Макрон, постои во целиот регион.
„Економскиот и политичкиот ангажман на Балканот се дел од вистинскиот план за европскиот суверенитет. Не можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западен Балкан во ситуацијата како што е денес“, рече францускиот претседател.
Макрон посочи дека Европа мора „да се бори против мешањето и влијанието на надворешните сили, кои се обидуваат да ја дестабилизираат Европа преку Балканот“.
За да го постигнеме тоа, треба да ја разјасниме нивната европска перспектива, да ги зголемиме инвестициите во регионот и да изградиме заедничка амбиција за децениите што следуваат, рече францускиот претседател при презентацијата на програмата на француското претседателство со ЕУ.






