„Она што не го очекувавме е Германија да учествува во тој колективен заговор“, рече Лукашенко по повод одбележувањето на 80-годишнината од почетокот на нацистичката инвазија врз СССР и додаде дека „не го очекувавме тоа од оние чии предци го убија секој трет Белорусин“.
ЕУ, Соединетите Држави, Велика Британија и Канада во понеделникот одлучија да казнат 78 функционери и осум ентитети поради сузбивањето на белоруската опозиција и пренасочувањето на авионот на Рајанер, кој слета во Минск на 23 мај, со образложение дека во него има бомба, за да биде уапсен белорускиот дисидент новинар Роман Проташевич.
Санкциите вклучуваат бизнисмени, белоруските министри за одбрана и транспорт, командантот на воздухопловните сили и еден од синовите на претседателот Лукашенко, Виктор.
Европејците исто така одлучија да погодат важни извори на белорускиот приход со стопирање на увозот на нафтени производи, како и со стопирање на извозот на производи за белоруските фабрики за тутун.






