Надворешнополитичкиот советник на Путин Јуриј Ушаков кажа дека рускиот претседател денес го информирал Си за „растечките закани за руските национални интереси од страна на САД и НАТО, кои постојано ја поместуваат својата воена инфраструктура во близина на руските граници“.
Рускиот лидер ја истакнал и потребата од организирање разговори со НАТО и САД за правно обврзувачки безбедносни гаранции, кажа Ушаков.
Си одговорил дека ја „разбира загриженоста“ на Русија и дека во целост ја поддржува руската иницијатива такви безбедносни гаранции да бидат разработени, наведе Ушаков.
Путин и Си разговараа во момент на засилени тензии меѓу Москва и Западот поради руското разместување војници на своја територија во близина на границата со Украина.
Западните држави во последните недели дипломатски се ангажираа за да спречат наводна можна инвазија на Русија во Украина, иако Кремљ негира дека има такви планови.
Путин во меѓувреме побара гаранции дека НАТО нема да се шири во Украина и Грузија и дека нема да разместува војници и оружје во тие земји.
Кина и Русија во последните години сè повеќе ги усогласуваат своите надворешни политики со цел спротивставување на американската доминација над меѓународниот економски и политички поредок.
Путин и Си денес ги поздравија односите на Русија и Кина, а рускиот лидер кажа дека тие се засновани на „принципи како немешање во внатрешните прашања и почитување на интересите на другата страна“.
Си кажа дека го цени тоа што Путин „силно ги поддржал“ напорите на Кина да ги заштити клучните национални интереси и што „цврсто се спротивставил“ на обидите да се направи раздор меѓу двете земји.
„Во моментов одредени меѓународни сили арбитрарно се мешаат во внатрешните работи на Кина и Русија под маската на демократијата и човековите права и брутално го газат меѓународното право и нормите на меѓународните односи“, кажа кинескиот претседател.
Путин кажа дека планира да се сретне со Си во Пекинг во февруари и да присуствува на Зимските олимписки игри кои тогаш ќе се одржат во главниот град на Кина. Повеќе западни земји прогласија дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг поради, како што тврдат, кршењето на човековите права во Кина.






