четврток, 7 мај 2026

Короната ја зголеми продажбата на марихуана во Холандија: „Нема што да се прави, па сите пушат“

Објавено на

часот

Сподели

„Ковид е добар за нас“, рече со насмевка Кармелита, сопственичка на Ноу лимит.

Пред пандемијата, во кафулето доаѓаа до 350 купувачи на ден. Денес ги има за третина повеќе.

„Единствените среќни поради ковид се кофи-шоповите со марихуана“, рече таа за АФП.

По воведувањето на првиот карантин во Холандија во март 2020 година, љубителите на марихуана почнало да ги фаќа паника дека нема да можат да набават. Пред кофи-шоповите на кои им е дозволено да продаваат канабис имало долги редици.

Но, додека рестораните и ноќните клубови останале затворени, марихуана во кофи-шоповите можело да се купи „за носење“.

Од 1976 година во Холандија е дозволено да се пуши хашиш и марихуана, а тие може да се купат во специјализирани кафулиња.

Само во Хаг, административното седиште на Холандија, ги има околу триесет.

„Луѓето порано одеа во дискотеки, но сега кога сè е затворено, остануваат дома каде повеќе пушат“, рече Кармелита, додавајќи дека меѓу клиентелата има и домаќинки кои купуваат канабис за подобар сон.

„Нема што да се прави во градот, така што сите пушат марихуана со пријателите“, вели осумнаесетгодишната Софија Доктер, која порано пушела два до три пати неделно, а сега тоа го прави шест или седум дена во неделата.

Студија на Тримбос, истражувачки центар за ментално здравје и зависности, покажа дека 90 отсто од холандските корисници на канабис пушеле исто или повеќе од почетокот на пандемијата. Три четвртини дури и секој ден.

„Не се работи за тоа дека луѓето сакаат да се напушат за да избегаат од реалноста. Повеќе е начин како се справуваат со секојдневните грижи“, вели историчарот Стивен Снелдерс од Универзитетот во Утрехт.

Сличен пораст во употребата на тутунски производи и опиум е забележан во ерата на чумата, рече тој.

За време на секојдневниот стрес предизвикан од пандемијата, добро доаѓа опуштањето, вели Џерард Смит, сопственик на кафулето Кремерс во Хаг.

„Нема ништо лошо во тоа да запалите џоинт додека гледате Нетфликс“.

Има парадокс во приказната за продажба и консумирање канабис.

Иако консумацијата и продажбата на марихуаната за лична употреба во Холандија е легална, остатокот од синџирот на снабдување е нелегален. Забрането е и самото одгледување.

„Речиси сè што правиме е нелегално, освен да плаќаме даноци“, се пошегува Кармелита.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ