Новинарот Барак Равид направи неколку интервјуа со Трамп за неговата книга „Трамповиот мир: Абрахамовите договори и преобликувањето на Блискиот Исток“, за време на кои 45-от претседател употреби жестоки зборови за својот поранешен сојузник.
„Ми се допаѓаше Биби. Сè уште ми се допаѓа Биби. Но ми се допаѓа и лојалноста. Првата личност што му честиташе на Бајден беше Биби. И не само што му честиташе, туку и се сними“, рече Трамп, истакнувајќи дека Нетанјаху порано од другите светски лидери му ја честитал претседателската победа на Бајден во 2020 година додека изборите сè уште биле оспорувани.
„Тој му честита многу рано – порано од повеќето други. Оттогаш не сум разговарал со него. Кој го е*е.“
Трамп се пожали дека Нетанјаху не само што му честитал на Бајден „пред воопшто да се исуши мастилото“, туку и на снимката тврдел дека има „одлично пријателство“ со Бајден – тврдење што Трамп го оспорува.
„Тие не беа пријатели, бидејќи ако беа, (администрацијата на Обама) немаше да го направи договорот со Иран“, рече тој, велејќи дека честитањето од Нетанјаху било како говор на личност што „моли за љубов“.
„Тоа многу му наштети кај народот на Израел. Како што знаете, јас сум многу популарен во Израел. Мислам дека тоа многу гадно му наштети“.
Нетанјаху беше сменет од премиерската функција само неколку месеци по поразот на Трамп од Бајден, и беше заменет со Нафтали Бенет. Нетанјаху сега служи како лидер на опозицијата во Израел.
Како претседател, Трамп им овозможи многу победи на Израел и Нетанјаху, како преместувањето на американската амбасада во спорниот Ерусалим, повлекувањето на САД од иранскиот нуклеарен договор и формалното признавање на територијата на Голанската Висорамнина на Сирија како дел од Израел.






