Кина, која го смета Тајван за своја територија, секогаш гневно реагира кога високи тајвански функционери посетуваат други земји гледајќи на тоа како скриена поддршка на желбата на островот да биде држава.
Тајванскиот министер за надворешни работи Џозеф Ву следната недела ќе ги посети Словачка и Чешка. Ву најпрво ќе учествува на форум во Словачка во организација на локална аналитичка група, а потоа ќе оди во Прага за да се сретне со претседателот на горниот дом на чешкиот парламент и градоначалникот на Прага.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванф Венбин кажа дека внимателно ќе ја следат посетата на Ву.
На прашањето дали Кина ќе преземе чекори против Словачка и Чешка, кажа дека Кина „ќе преземе соодветни и потребни мерки за цврста одбрана на националниот суверенитет и територијалниот интегритет. Никој не би требало да има илузии околу тоа“.
Кина веќе е во спор со Литванија откако таа со Тајван договори отворање фактички амбасади во главните градови на двете земји.
Тајван нема дипломатски врски со ниту една европска земја освен Ватикан.
Поради притисоците од Кина, многу земји не сакаат да ги примат тајванските министри, иако Ву ја посети Данска во 2019 за да зборува на самит за демократијата во Копенхаген.
Кина го засили својот воен и дипломатски притисок врз Тајван за да го присили да го прифати кинескиот суверенитет.
Тајван тврди дека е независна земја со право на меѓународно третирање како таква и дека ќе се брани од Кина ако биде нападнат.






