четврток, 7 мај 2026

Јужноафрикански министер: Вакцините и претходните инфекции придонесуваат за полесно заболување со омикрон

Објавено на

часот

Сподели

Раните извештаи покажуваат дека варијантата омикрон, која предизвика четврти бран на зараза, во која земјата потврди рекорден број нови случаи претходно оваа недела, предизвикува поблаги заболувања од претходните варијанти во Јужна Африка. Но, научниците предупредуваат дека е премногу рано да се извлечат цврсти заклучоци.

„Веруваме дека омикрон не е нужно помалку опасен, но (…) покриеноста со вакцинација и природниот имунитет на луѓето кои веќе биле во контакт со вирусот придонесуваат кон заштитата“, рече министерот за здравство Џо Фала на прес-конференција. „Затоа гледаме поблаги заболувања“, рече тој.

Јужна Африка вакцинираше 44 отсто од возрасната популација со најмалку една доза од вакцината против ковид-19, повеќе од другите африкански земји, но владината цел за вакцинација за оваа година не е исполнета. Но, повеќе од 60 отсто од жителите постари од 50 години се вакцинирани.

Мишел Грум од јужноафриканскиот институт за заразни болести на истата прес-конференција рече дека бројот на хоспитализирани и починати од ковид-19 е благо зголемен.

„Се забележува мало зголемување на починатите на национално ниво, но повторно тоа е многу пониско дури и од она што го видовме помеѓу вториот и третиот бран“, рече Грум.

Фала рече дека првите податоци покажуваат дека инфекциите го достигнале својот врв во најнаселената провинција Гаутенг. Тој додаде дека Министерството за здравство следната недела ќе го извести јужноафриканскиот Стожер за коронавирус за можно прилагодување на ограничувањата против ковид-19.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ